Во очекување на утрешниот дуел во Ријека против нашата репрезентација, денеска прес-конференција одржа селекторот на хрватската фудбалска репрезентација, Златко Далиќ. Далиќ пред новинарите зборуваше за утрешниот дуел, но и за подготовките на „коцкестите“ за престојното ЕП 2024.
За дуелот со Македонија, Далиќ нема да може да смета на Лука Модриќ, Марсело Брозовиќ и Марио Пашалиќ, кои викендов имаа клупски обврски.
„Подготовките минаа добро, немам замерки. Играчите продолжуваат со таков ритам и таков мотив добро е што нема повреди. Работат многу добро, полни се со мотивација и секој тренинг е се подобар и подобар. Го респектираме утрешниот противник, го замисливме како натпревар кој ќе служи како подготовка за Албанија. Ќе играме со малку поофанзивни играчи. Имаме право на шест замени. Ќе одмориме некои играчи. Со Влашиќ нема да ризикуваме. Ќе почне Перишиќ, ќе игра еден час, во добра форма е, одлично тренира“, изјавил Далиќ.
Мечот Хрватска – Македонија ќе се одигра утре од 19 часот на стадионот „Рујевица“. За нас ова ќе биде прва од двете контроли закажани овој јуни. Вторниот меч го играме со Чешка на 10 јуни, исто така на гости.