Заборавен од навивачите на Барселона, Ансу Фати се врати во клубот по неубедливата позајмица во Брајтон. Напаѓачот сега има 21 година, но гори од желба да се врати во силната форма, која му донесе место во првиот тим на Каталонците уште во времето на Лионел Меси.
За време на неговиот престој во Англија, тој забележа нешто повеќе од 1.000 минути игра. Сега, сепак, Фати е подготвен да го остави лошото минато зад себе и повторно да се докаже со тимот на Барса.
„Има луѓе кои мислат дека цел живот сум трауматизиран. Вистината е дека во Брајтон имав мала повреда, но во исто време поминав многу часови во теретана. Сега сум 100% здрав“, изјави Шпанецот за Мундо Депортиво.
Како причина за падот на своите настапи Фати го посочи и своето минато:
„Во Барса пристигнав како 10-годишник. Бев дете далеку од дома. Ми беше многу тешко. Имам само 21 година, но поминав низ работи кои никому не би ги посакал, тука мислам на повредите“.