Катастрофална Македонија во Ријека: И “комбинирана“ Хрватска е пресилна за нас! (ВИДЕО)

1314

Катастрофална Македонија вечерва во Ријека. Не толку поради убедливиот пораз од 3:0 од Хрватска во пријателскиот меч, туку поради начинот како одиграа избраниците на селекторот Благоја Милевски. А одиграа никако…

Да, Енис Барди недостасуваше. Да, овој меч доаѓа по завршување на сезоната, тука е заморот, но вака не се игра за Македонија.

Катастрофа. Ова е едно од најслабите, ако не и најслабо издание на Македонија во последно време.

Интересно, првата закана, и тоа уште во 6.минута Македонија се закани кога по додавањето на Елмас, дефанзивецот Муслиу шутираше, но сепак непрецизно.

И тогаш дојде таа 10.минута кога Мајер од слободен удар од околу 25 метри биеше убаво и ја затресе мрежата на Димитриевски. Се чини дека нашиот жив ѕид не беше убаво поставен.

Македонија потоа се закани во неколку наврати, најопасно беше во 43.минута кога Трајковски шутираше силно од слободен удар, но домашниот голман Ливаковиќ беше на своето место. Претходно Миовски истрча, но Ливаковиќ навреме ја отстрани опасноста.

Ковачиќ во 25.минута шутираше, но над нашиот гол. И кога се мислеше дека на пауза ќе се оди со тие 1:0, така не мислеше Мајер кој по асистенцијата на Петковиќ стрелаше уште еднаш за 2:0 за водство на Хрватска. И со тој резултат се замина на одмор.

Само што започна второто полувреме, Алиоски се закани, упати силен удар, но недоволно за да се загрози Ливаковиќ кој уште еднаш убаво интервенираше. Нашите момци се обидуваа да се наметнат, да дојдат до можност, да искреираат добра акција, но Хрватска со една рутинска и квалитетна игра во целост ги контролираа настаните на теренот.

Следува период во кој и двата селектори, Далиќ и Милевски направија повеќе измени, но настаните на теренот не се променија. Македонија и натаму беше инфериорна, никако не успеававме да направиме било што се вели.

Едноставно нема игра, нема идеја што се сака, како да се дојде до домашниот гол. Едноставно оваа Македонија е далеку од посакувањата. Можеме само да претпоставиме што ако Хрватска беше комплетна и играше со сите сили.

Среќа за нас.

Но, не беше така во 80.минута кога Пашалиќ стрелаше во нашиот гол за 3:0. Заслужено, ако се знае како играше Македонија, а како играше?

Никако!

Да се надеваме дека на 10 јуни на гости кај Чешка, исто во пријателски меч, ќе биде барем нешто подобро.

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР

ХРВАТСКА – МАКЕДОНИЈА 3:0

Стадион “Рујевица“ во Ријека. Стрелци: Мајер 10., 45., Пашалиќ (ХРВ). Ж. Картони:

ХРВАТСКА: Ливаковиќ, Јурановиќ, Ерлиќ (67.Понграчиќ), Вида, Соса, Ковачиќ (45. Сучиќ), Мајер, Крамариќ (55. Иванушец), Батурина (67.Пашалиќ), Перишиќ (59. Пјаца), Петковиќ (59. Будимир).

Селектор. Златко Далиќ.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Зајков, Муслиу, Велковски (72.Димоски), Ашковски (56. Митровски), Алими, Атанасов (56. Костадинов), Елмас, Алиоски, Трајковски (66. Чурлинов), Миовски (66. Ристовски)

Селектор: Благоја Милевски.

ПретходноАнри ги објави фудбалерите за ОИ, ги нема Мбапе, Салиба, Густо…
СледноЧеличен Новак