Викендов во Скопје се одиграа мечевите од четвртиот мастерс за државното првенство на Македонија во билијард, и тоа и во „А” и во „Б” дивизијата.
Најдобрите 16 играчи кои ја сочинуваат „А” дивизијата ја играа дисциплината „осмица”, а како победник излезе минатогодишниот шампион Христо Василевски од Битола. Во финалето тој успеа да го совлада најдобриот младинец, Андреј Ѓурчиновски, кој од меч во меч се повеќе созрева и се челичи во дуелите со најдобрите сениори. На третото место се пласираа Тале Самарџиоски и Илче Трајковски.
Овие четири играчи се во водство на табелата по четирите одиграни турнири, при што Ѓурчиновски е во водство пред Василевски, Трајковски и Самарџиоски. До крајот на сезоната се предвидени уште три мастерси, а следниот е на програмата на 21 и 22 септември, за кога е најавено дека ќе се игра дисциплината „десетка”.
Во „Б” дивизијата настапија 61 играч од 7 клуба, кои доаѓаат од 9 градови, што е показател за популарноста на спортот. И на овој турнир се играше дисциплината „осмица”, а во многу мечеви беше демонстрирана врвна игра, речиси на нивото на квалитет од повисоката категорија, а победник е Коста Катов од Прилеп кој во финалето беше подобар од Самир Абдурамани од Тетово. Третото место им припадна на Златко Ицановски и Валентин Трајкоски.
На полусезоната како водечки на табелата е Златко Ицановски пред Даниел Стојковиќ, Христијан Пешевски и Коста Катов. Најдобрите четири играчи од „Б” дивизијата ќе се стекнат со право за настап идната сезона во повисоката категорија.
Во идните неколку месеци најактивни ќе бидат подготовките на репрезентацијата која што во јули ќе настапува на Европското првенство во билијард со четири играчи, во три дисциплини.
Почетокот на есенскиот дел од сезоната ќе биде означен со организација на новиот турнир, Куп на Македонија, што е предвиден да се одигра на 1 и 2 септември.