Македонија со три клуба во европските купови следната сезона?

326

Два клуба во машка и еден во женска конкуренција најавиле пријава за учество во европските купови на ЦЕВ следната сезона. Иако до канцаларијата на ОФМ се уште нема ниту една официјална пријава, наводно усна најава има од екипите на шампионот Струмица и освојувачот на Купот на Македонија, Штип УГД во машка, како и на Работнички во женска конкуренција.

Според распоредот на крајот на сезоната, Струмица би требала да се пријави за настап во квалификациите од Лигата на шампионите, што за нашиот најдобар тим во машка конуренција ова би била трета сезона едноподруго во која ќе се најдат во најелитното европско клупско друштво.

Штип УГД кој е најпријатно изненадување на домашната сцена оваа сезона, ако се пријави за настап во Европа тоа ќе значи учество во ЦЕВ Купот, второто по ранг натпреварување. За штипјани ова би било огнено крштевање на европската сцена.

Шампионот во женска конкуренција, Работнички, минатата сезона се проба во Челинџ Купот, но немаше среќа во ждрепката, па оваа година шампионките најавиле можно учество во ЦЕВ Купот.

Рокот за пријава во европските купови на ЦЕВ за сезоната 2024/25 истекува на 26 јуни, па нашите екипи ќе мора да побрзаат со пријави, доколку сакаат да ја почувствуваат Европа во пресрет на новата домашна сезона.

ПретходноУ21: По победата кај Полска, младите денеска ја напаѓаат и БиХ
СледноОва е новиот домашен дрес на Реал (М) за следната сезона (ФОТО)