Изненадување во баражот: Радовиш со гол од 9 метри обезбеди место во Суперлигата (ВИДЕО)

875

Со голот на Постолов од 9 метри по истекот на регуларните 60 минути, ракометарите на Радовиш славеа со 27:26 во баражот против Е. Пелистер 2 одигран денеска во „Автокоманда“ и следната сезона ќе играат во Суперлигата. Во последниот меч сезонава, големиот фаворит Е. Пелистер 2 не успеа да ја зачува огромната предност од 5 гола од првото полувреме и му дозволи на досегашниот прволигаш да направи целосен пресврт и на крајот со гол по истекот на регуларниот дел од скоро невозможна ситуација да дојде до промоција во елитата.

Битолчани првиот дел го добија со убедливи 14:9 и се чинеше дека лесно ќе го потврдат статусот на суперлигаш и за следната сезона. Така, сепак, не размислуваа мотивираните радовишани, кои во второто полувреме, од минута во минута ја топеа предноста и на крајот влегоа со 26:25 во последната минута, но Е. Пелистер 2 успеа да постигне гол на 15-тина секунди до крајот и да израмни.

Радовиш имаше последен напад, но со прекршок беше запрен на 9-метри, по што судиите оставија да се изведе само последниот шут. Постолов ја презеде одговорноста, биеше над блокот и топката заврши во мрежата на Е. Пелистер 2 за голема радост и промоција на радовишани во суперлигашкото друштво.

Здравко Постолов со осум погодоци беше херој на радовишани, додека кај Е. Пелистер 2 црногорскиот интернационалец Богдан Мијушковиќ постигна 7 гола.

 

ПретходноГаздата на Рома сака да го купи Евертон
СледноМуарем Муарем повторно на клупата на Гостивар!