Денеска во 18 часот на “Малшовицка Арената“ во Храдец Кралове, нашата најдобра фудбалска репрезентација ќе одигра пријателска средба со домашната селекција на Чешка. Податокот дека пред неколку дена, исто така во пријателски мечеви, Чесите славеа против Малта со 7:1 а ние загубивме од Хрватска со 3:0 во Ријека, кажува многу за тоа против кого играме и со каков ривал ќе си имаме работа.
Секако дека Чешка е вистински предизвик за избраниците на селекторот Благоја Милевски. Силна селекција која се подготвува за претстојното ЕУРО 2024 а ние пак се подготвуваме за тоа што ќе следи во септември, а тоа е стартот на квалификациите за Лигата на Нации.
Јасно е дека со Хрватска во Ријека бевме далеку од од своето ниво, тоа го знаат и нашите момци. Дека мора да биде подобро денеска тоа го кажаа вчера на пресот селекторот Благоја Милевски и голманот Столе Димитриевски, кој побара од своите репрезентативни колеги поголема тактичка дисциплина.
Македонија овој јуни не можеше да смета на капитенот Енис Барди поради повреда. Секако дека кога не ти игра клучниот играч тогаш си имаш проблеми, но секако дека се очекува и од другите да одиграат како што треба, без разлика на тоа, како што вели Милевски, дали имаат или немаат проблеми во своите клубови во однос на минутажата.
Кога се игра за Македонија нема пријателски, секој меч е важен, се игра за својата земја и треба да се даде и повеќе од својот моментален максимум, да не биде само тоа декларативно кажано.
Да се надеваме дека вечерва Македонија ќе одигра многу подобро во Храдец Кралове од она што го одигра со Хрватска во Ријека.