По завршувањето на идната сезона, ќе се одржи Светското клупско првенство кое ќе биде во поинаков формат и ќе учествуваат 32 клубови. Тие ќе бидат распределени во групи што значи дека до пехарот ќе се стигнува со повеќе натпревари.
Досега европскиот првак стартуваше во полуфиналето и за трофејот играше два меча, сега ќе игра повеќе.
Клубовите ги добија финансиските планови за ова натпреварување и се незадоволни од висината на профитот од организаторите. За ова зборуваше тренерот на европскиот првак, Карло Анчелоти кој кажа дека нема да учествуваат на турнирот.
„ФИФА понекогаш заборава. Играчите и клубовите нема да учествуваат на овој турнир. Еден натпревар на Реал вреди 20 милиони евра, а ФИФА сака да ни ја даде таа сума за целиот турнир. Ние, а верувам и други клубови ќе ја одбијат понудата“, изјави тренерот на Реал.
А ситуацијата бргу се промени. Реал Мадрид се огласи со соопштение во кое го демантира Карло Анчелоти и наведе дека ќе настапува на претстојното Светско клупско првенство.
Comunicado Oficial: Mundial de Clubes.#RealMadrid
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) June 10, 2024