Раководството на Манчестер Јунајтед до крајот на оваа недела ќе донесе одлука за иднината на Ерик тен Хаг, пренесуваат речиси сите водечки медиуми на Островот. Се уште не е јасно дали Холанѓанецот ќе добие поддршка и покрај тоа што го предводеше тимот до трофејот во ФА Купот на крајот од тешката сезона. Синоќа се покажа дека Томас Тухел, кој беше еден од фаворитите за наследник на Тен Хаг, повеќе не е во комбинација, бидејќи самиот одлучи да земе една година одмор.
Според „Дејли мејл“, биле водени разговори со неколку кандидати, меѓу кои и Маурисио Покетино, Томас Франк и Роберто Де Зерби. „Тајмс“ го насочи вниманието токму на Италијанецот, тврдејќи дека во моментов на „Олд Трафорд“ разговараат за неговото име.
Герет Саутгејт и Греам Потер исто така беа поврзувани со оваа работа во последните месеци. „Де Атлетик“ уверува дека националниот селектор на Англија има сериозни поддржувачи во бордот на директори на Манчестер Јунајтед.
Самиот Тен Хаг штотуку се врати од одморот по сезоната, па ќе биде достапен за какви било разговори со раководството.