Ивановски по ЕП: Повторно останав „гладен“, овој пат за најдоброто што следува од мене!

115

Најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски по завршување на настапот на Европското првенство целосно се насочува кон подготовка за Олимпијадата во Париз. Тој на својот официјален „Фејсбук“ профил направи еден краток осврт на ЕП на кое постави нов државен рекорд потенцирајќи дека е задоволен од она што го оствари, 29-то место во конкуренција на 60 натпреварувачи. Истовремено најави дека за десетина дена ќе започне со подготовките за една од неговите најголеми цели – ОИ.

„Почитувани пријатели и подржувачи. За мене заврши и последната трка, трка која е пред почетокот на една од моите животни цели, вистинска љубов и пасија за која живеам целиот мој живот. Оние кои ме знаат добро, знаат колку труд и жртва вложив да бидам дел од Олимписките игри во Париз. Настапот на европското првенство можам да кажам дека го дадов својот максимум со оглед на тоа каков период на опоравок поминав после маратоните и “бркотницата” за да влезам во ранкингот за олимпискиот сон. Кога ке ме прашаа како се чувствувам, дали сите овие настапи ме имаат исцрпено, им одговарав кратко… Гладен сум!
Бев свесен дека после 4 истрчани маратони во 5 месеци ке имам некоја ситна последица, но оставив на Бог да ме држи здрав и жив а јас да останам мирен и фокусиран до крајот на ова патешествие. Европското првенство ми беше еден добар тест дека телото и нервниот систем ми се добро опоравени, а јас повторно останав гладен, гладен за најдоброто што следува од мене. Завршив на 29то место од 60+ натпреварувачи и поставив нов државен рекорд. Можам да кажам дека и во ваква состојба сум конкурентен во Европа, трчав рамо до рамо со огромни шампиони и докажани атлети“, напиша Ивановски.

ПретходноЃорческа 20 дена чека виза за Британија, може да го пропушти Вимблдон
СледноРоналдо и Португалија подготвени за ЕУРО