Огњеновски: Т. Пролет имаше успешна сезона, Јовиќ останува тренер и следната сезона

72
фото: РК Тинекс Пролет

Ракометниот суперлигаш Тинекс Пролет успешно заврши уште една сезона во елитното македонско ракометно друштво. Првично зацртаната цел беше остварена со пласманот во плејофот, каде тимот на Александар Јовиќ со неколку млади и перспективни ракометари одигра низа квалитетни натпревари.

„Кога ќе се осврнеме на целата сезона, оценка на мене како директор и на целокупната управа е дека станува збор за успешен шампионат. Од година во година се поголем е бројот на клубови што влегуваат со сериозни вложувања во македонскиот ракомет, конкуренцијата е се поголема. Тинекс Пролет веќе стави до знаење дека нема намера да влегува во такви трки со огромни буџети, уште повеќе ако се знае дека сме еден од ретките колективи без апсолутно никаква помош од општината. Без оглед на се, остануваме доследни на сопствените принципи во рабата. Наша цел отсекогаш било вложување во македонски играчи, давање шанса на млади домашни ракометари, не отстапивме од тоа сезонава ниту пак ќе отстапиме од тој пат во годините што следат, бидејќи тоа е она на што сме најмногу горди како клуб“, вели директорот Сашо Огњеновски.

Тој е задоволен и од функционирањето на младинската школа и настапот на младинската екипа на Тинекс Пролет.

„Мора да се биде задоволен кога младинците ја завршија сезоната на второто место во целиот мак-ракомет, а голем дел од овие играчи во последните десетина месеци тренираа и играа и за првиот тим. Тоа е она што Пролет го красело и што се повтори и овојпат, што ги прави сите во клубот особено горди. Имаме двајца ракометари на младинскиот европски шампионат, иако мое лично мислење е дека на тој список како трет мораше да се најде и Тотиќ, кој заслужува да биде дел од ова големо натпреварување“, вели директорот на Тинекс Пролет. Во текот на летово се очекува да дојде и до одредени промени во играчкиот кадар, откако неколку ракометари го напуштија тимот.

„Јовиќ останува тренер, што е многу важно за нас бидејќи го продолжуваме патот по кој тргнавме заедно во последните месеци. Пецаковски реши да ја заврши играчката кариера, ние сме му благодарни за настапите за Пролет. Голманот Михаљевиќ, потоа Филип Арсеновски, Филип Крстевски и Мартин Димов се ракометарите од кои се разделуваме летово, по истекот на договорите што ги имавме со нив. Секако, ќе бидат доведени и неколку нови ракометари, моментно разгледуваме различни опции и наскоро ќе повлечеме конкретни потези со потписи на засилувања за наредната сезона. Едно е сигурно, Пролет и во иднина ќе остане доследен на клупската политика – домашните играчи да добиваат шанса да ги покажуваат своите квалитети. Од аспект на резултат, наша цел ќе биде да се најдеме во плејофот и потоа да бидеме во Топ 6 екипите во домашното првенство“, порачува Сашо Огњеновски.

ПретходноСкоро една половина анкетирани Англичани веруваат дека Англија ќе биде европски шампион
СледноФенер ја доби драмата со Анадолу и по 11. пат е шампион на Турција!