Кошаркарите на Далас вечерва (02:30 ч.) ќе го одиграат првиот домашен меч во финалната серија од НБА лигата. Мавс имаат негатива од 2:0 во партии по првите две гостувања и прашање е дали ќе успеат да се вратат од оваа негатива со оглед на тоа што на Бостон му се потребни само уште две победи за прва титула по 2008 година.
2:0 е многу тежок резултат за надминување, ако се погледне историјата на НБА финалните пресметки. Секако, не е невозможено, со оглед на искуствата низ историјата. Само петпати во историјата на финалињата на НБА се случило клубот кој губел со 2:0 на стартот, да се врати во живот и на крај да стане НБА шампион. Интересно, и Далас и Бостон беа протагонисти на вакви историски пресврти, едните во позитивна, другите во негативна смисла.
Имено, Селтикси беа првите кои направија луд пресврт од негатива од 2:0 во далечната 1969 година и тоа во финалето против Лејкерси. Маверикс, пак, имаат лоши спомени од 2006 година, кога во серијата против Мајами Хит на Двејн Вејд и Шекил О’Нил водеа со 2:0, па на крајот останаа без шампионски прстен.
Во последната деценија вакви пресврти се случија двапати. Прво во финалето во 2016 година, кога Кавалирс на Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг постигнаа невиден подвиг: се вратија од 3-1 (беше и 2-0) против Голден Стејт. Потоа, во 2021 година, Бакс го направија тоа кога со Јанис Адетокумбо на чело од 0-2 дојдоа до 4-2 против Феникс Санс.