Прв меч и веднаш прва победа и тоа каква за селекцијата на Германија на ЕУРО 2024. Вечерва во Минхен на „Алијанц Арената“ во меч од групата – А, Германија со 5:1 успеа да ја победи Шкотска и да покаже сила уште на стартот на ова ЕП кое домаќин токму е Германија.
Се играше 10.минута кога Вирц стрелаше за 1:0, тој веднаш ја искажа сета своја класа, па не бадијала го бара Реал Мадрид.
Девет минути подоцна и Мусиала, исто така млад напаѓач се запиша во листата на стрелците за зголемување на водството на “панцерите“ на 2:0. Во тие моменти Шкотите буквално не знаеја каде се наоѓаат, не успеаваа да врзат ни две додавања, бадијала беа поддршкка од трибините од бројните шкотски фанови.
Германците креираа атаци кон голот на противникот од минута во минута, а со 3:0 да се оди на пауза се погрижи Хаверц кој во 44.минута од пенал го зголеми водството. Претходно Портеус жестоко стартуваше врз Гундоган, судијата Турпан по асистенција на ВАР собата покажа на белата точка а на Шкотот му покажа црвен картон, со што неговата селекција остана со играч помалку.
Во второто полувреме “панцерите“ како да го намалија темпото, што и беше за очекување, сепак гостите беа немоќни а во 68.минута Фулкруг со прекрасен гол зголеми на 4:0. Во тие моменти селекторот Нагелсман почна и со измените, секако дека треба да се чува силата, иако во оваа група, тука се и Унгарија и Швајцарија, со ваква игра Германците не би требало да имаат никакви проблеми.
Со ваква игра Германија ја истакна својата кандидатура и за највисок пласман на ова ЕУРО 2024.
Во 76.минута Фулкруг постигна уште еден гол, но поради офсајд истиот му беше поништен.
И да не биде се совршено за Германците, Ридигер си постигна автогол во таа 87.минута за 4:1. Но тоа не беше се од овој меч, Џан во 90+2.минута со убав гол ги постави конечните 5:1 за Германија.