Актуелниот европски првак Италија утре ќе го има првиот меч на Европското првенство против Албанија во Дортмунд. „Газета дело Спорт“ пред почетокот на турнирот објави список на работи кои тренерот Лучијано Спалети (65) им ги забранил на сите во репрезентација.
Спалети ќе инсистира на точност на сите обврски. Првиот собир во денот е закажан напладне, а целиот тим заедно оди на ручек во 12:45 часот. Вечерата е во 20 часот. Спалети им забрани на играчите да користат слушалки, а мобилните телефони се дозволени пред ручек и пред вечера, пред се за видео повици со семејствата. Потоа, играчите треба да ги исклучат.
Играчите имаат соби за игри каде што има маси за пинг-понг, билијард, фудбал, флипери и четири конзоли со два симулатори за возење. PlayStation може да се игра само во таа просторија. Италијанците велат дека смеата и забавата се дозирани бидејќи Спалети бара максимална концентрација на фудбалот од своите репрезентативци.