Вечерва на „Алијанц Арената“ во Минхен со натпреварот меѓу Германија и Шкотска започнува 17. Европско фудбалско првенство.
Свеченото отворање на ЕВРО 2024 започнува во 19:45 часот, а воведниот натпревар меѓу домаќинот и селекцијата на Шкотска ќе стартва во 21 часот.
На Европското првенство кое ќе трае до 14 јули ќе настапат 24 репрезентации, а титулата европски првак ја брани Италија. На десет локации ќе се одиграат вкупно 51 натпревар.
Англиската фудбалска репрезентација во Германија пристигна со највреден тим од сите учесници на ЕП 2024 година. Англичаните имаат тим вреден скоро 1,5 милијарда евра, а „потешки“ од милијарда евра се и Французите (1,23) и Португалците (1,05).
Топката со која ќе се игра на ЕП во фудбал е технички усовршена до перфекција – со тоа, офсајдите ќе бидат непогрешливо одредени за максимум 25 секунди. Топката е посебна поради вградениот чип и технологијата „Connected Ball“ – има посебен сензор кој постојано снима различни податоци (до 500 во секунда).
Таа е синхронизирана и со бројни камери лоцирани на стадионот и ги следи позициите на сите играчи на теренот.
Домаќини на ЕВРО 2024 ќе бидат германските градови Берлин, Келн, Минхен, Франкфурт, Хамбург, Дортмунд, Лајпциг, Гелзенкирхен, Штутгарт и Дизелдорф, а финалето на 14 јули ќе се одигра на Олимпискиот стадион во Берлин.