Младиот Јулијан Нагелсман вечерва се враќа на големата германска сцена како селектор кој ја има најтешката задача, да ја разбуди германската „машина“ по серијата очајни резултати во последно време. Германците како домачини на Евро 2024 вечерва во 21 часот на „Алијанц Арена“ во Минхен го започнуваат 17. Европско првенство со дуел против селекцијата на Шкотска, која играчки, може да му парира на секој моќен ривал, па и на една Германија.
Осумнаесет месеци по германската катастрофа на Светското првенство во 2022 година под водство на Ханси Флик, домашната селекција се смета и за еден од вистинските фаворити за европската титула, но за да го потврдат овој епитет, ќе мора најпрво да се докажат во групата во која покрај Шкотска се и селекциите на Унгарија и Швајцарија.
Додека домаќините се обидуваат да ја вратат поранешната слава на европските шампиони од 1972, 1980 и 1996 година, Шкотска има многу поскромни аспирации, бидејќи островјаните ќе го одигра само својот 10-ти меч во завршницата на ЕП.
Левиот бек на репрезентацијата на Шкотска, Ендрју Робертсон вели дека очекува тежок меч.
„Не е тајна дека Германија ќе доминира со посед бидејќи го има најдобриот играч за врска во светот, Тони Крос. Но, кога ќе ја имаме топката, ќе мора да ја искористиме. Мора да бидеме мирни. Тешко се победуваат вакви противници, но ќе се обидеме да ги спречиме на секој начин. Ако го постигнеме ова, се надевам дека ќе биде доволно за добар резултат“, изјави Робертсон.
Селекторот на германската репрезентација Јулијан Нагелсман, пак, имаше пофални зборови за квалитетите на противникот.
„Шкотска е многу добар тим со четири или пет важни играчи во својот тим. Прават одлични блокади. Нивниот тим постигна голем напредок во начинот на кој се игра фудбалот. Тие секако имаат и извонреден менталитет. Ние сме под поголем притисок од Шкотите. Сакаме да победиме на првиот натпревар. Германската репрезентација има се што е потребно и сакаме да го покажеме тоа на теренот“, изјави Нагелсман на прес-конференцијата пред денешниот дуел.
Главен судија на мечот ќе биде Клемен Турпан од Франција.
Според најавите, денеска може да ги очекуваме следните стартни тимови:
Германија: Нојер; Кимих, Тах, Ридигер, Мителштад; Крос, Андрих; Мусијала, Гундоан, Вирц; Хаверц
Шкотска: Ган; Хендри, Ханли, Тиерни; Ралстон, МекТоминај, Гилмур, Робертсон; МекЏин, Кристи; Шенкланд