Денешниот ден 14 јуни е со златни букви запишан во историјата на ФК Вардар, бидејќи на овој ден во 1987 година, Вардар стана шампион на Југославија и е единствен клуб од Македонија кој успеал во тоа.
Тимот предводен од Андон Дончевски и помошниците Методије Спасовски и Кочо Димитровски успеа да освои 38 бодови, со 15 победи и 8 нерешени средби, од вкупно одиграните 34 првенствени натпревари.
Во таа сезона поради лажирање на натпревари во претходната 1985/86, десет тимови во првенството почнаа со минус 6 бодови по одлуката на Фудбалскиот сојуз која што потоа беше повлечена и по судски пат титулата му беше доделена на Партизан.
Како признание за освоената титула нашиот најтрофеен клуб беше потврден како шампион од страна на УЕФА и доби прилика да се натпреварува во Купот на европските шампиони каде што во првото коло на два пати загуби од тогашниот европски првак Порто со идентични 3-0.
За Вардар таа сезона настапуваа: Тони Савевски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Дарко Панчев, Васил Рингов, Вујадин Станојковиќ, Љупчо Марковски, Јовче Џипунов, Бобан Бабунски, Чедомир Јаневски, Момчило Грошев, Милко Симовски, Љупчо Лазаров, Венцислав Симоновски, Мирко Петров, Благоја Тодоровски, Никола Аврамовски, Зоран Трајчевски, Горан Стојановиќ, Николче Филипов, Тони Атанасовски и Јовко Бизимовски.
Најдобар стрелец беше Дарко Панчев со постигнати 18 голови додека Тони Савевски беше најстандарден со 33 настапи во црвено-црниот дрес.