Фудбалерите на Бразил наскоро ќе се обидат да го освојат трофејот на Копа Америка, тие играат во групата Д против Колумбија, Костарика и Парагвај. Турнирот започнува во четврток и ќе трае до 14 јули, а натпреварите ќе се играат на 14 стадиони во Соединетите Американски Држави. Бранител на титулата е Аргентина, која во Рио де Жанеиро 2021 година го победи Бразил со 1:0.
Неодамна одекна изјавата на бразилската легенда Роналдињо на тема репрезентација.„Нема да гледам ниту еден натпревар на Бразил. На репрезентацијата и недостасува сè. Одлучност, радост, добар фудбал. Ќе го напуштам Бразил“.
Имаше многу полемики околу тоа, но факт е дека она што го кажа Роналдињо е далеку од она што тој го мисли. Изјавата на Рафиња за ова ја објави италијанскиот новинар Фабрицио Романо истата стана хит и од вчера беше прегледана 9,2 милиони пати.
“Не знам дали се работи за реклама или за што се работи. Ми кажаа дека побарал билети од Винисиус за нашите натпревари. Како и да е, изненаден сум од неговата изјава и не се согласувам со тоа што го кажа”, е реакцијата на Рафиња.
Сепак станува збор за рекламна кампања во која Роналдињо само ги читаше коментарите на гневните навивачи на Бразил. Тоа го потврди и самиот Роналдињо на Инстаграм каде испрати порака:
„Никогаш не би го напуштил бразилскиот фудбал, никогаш. И никогаш не би го кажал тоа што го видовте. Всушност, овие зборови се зборови на бразилските навивачи што ги видов на Интернет. Замислете да ги слушате овие пораки пред да играте. Ќе ви падне мотивацијата, поддршката на навивачите прави огромна разлика за играчот, знам за што зборувам, она што им е потребно на нашите момчиња во овој момент е поддршката, затоа и се приклучив на оваа кампања“.
Роналдињо одигра 97 натпревари за Бразил од 1999 до 2013 година и постигна 33 гола. Тој се пензионираше во 2015 година како играч на Флуминенсе, а играше и за Гремио, ПСЖ, Барселона, Милан, Фламенго, Атлетико Минеиро и Керетаро.