Тимот на Бутел Скопје ги засили своите редови со двајца младински репрезентативци кои пристигнаа од тимот на Мулти Есенс.
Браќата Тодор и Димитар Узунчеви потекнуваат од тимот на Партизан Гевгелија, каде го започнаа својот ракометен пат, пред да се преселат во Автокоманда, каде освен за Мулти Есенс настапуваа и за Алкалоид. Тодор има 19 години и настапува на левата бековска позиција, додека Димитар има 18 години и игра на десната бековска позиција.
“Бутел е екипа што пружи шанса на млади ракометари. Ми претставува голема чест што ќе бидам дел од неа и ќе имам простор за напредување и зголемување на моето искуство“, изјави Тодор.
“Во екипа каква што е Бутел Скопје очекувам да созреам како играч и да го зголемам моето искуство. Знам дека овој клуб им дава шанса на млади играчи и ќе имaм простор за игра“, изјави Димитар.
Двајцата гевгеличани се обврзаа на договор на една сезона со можност истиот да биде продолжен за уште една ако двете страни се задоволни од соработката.