Србија загуби од Англија со 0:1 на стартот на ЕП, а по мечот веднаш тензии во националниот тим. Капитенот Душан Тадиќ кој влезе во игра во второто полувреме во изјава по мечот беше незадоволен од минутажата.
„Тешко ја поднесов одлуката да не играм од почеток. Сметам дека сум најдобар играч на овој тим, лидер. Но ако селекторот одлучил да игра само 30 минути тоа ќе го почитувам“, изјави Тадиќ за РТС по мечот.
Тоа беше повод за прво прашање кое беше поставено до селекторот Драган Стојковиќ.
„Тоа не е добро, ако кажал такво нешто. Тоа беше моја одлука од тактички причини, сакав да биде свеж во второто полувреме. Се работи за тактика и ништо друго. Нема бура, каква бура. Таман работа. Нема простор за полемики. Јас одлучувам, јас проценив дека не треба да игра и тоа е тоа“, вели Пикси.