Македонија доби уште еден учесник на Летните Олимписки игри во Париз 2024. Тоа е Анастасија Мојсовска во спортско стрелаштво, која ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка, 60 истрели. Според планираното, нејзинот настап на Олимписките игри ќе биде на 28 јули 2024 година.
Анастасија Мојсовска (22) е млада спортистка, но е докажана како стрелец, кој покрај тоа што била повеќекратен државен првак и рекордер на Македонија, има остварено и одлични резултати на меѓународните натпревари. Тоа го докажа и на последниот Светски куп во Минхен 2024, каде оствари нов државен рекорд со резултат од 628,8 кругови, кој е конкурентен за влез и во финале на претстојните Олимписки игри во Париз 2024 споредено со претходните Олимписки игри во Токио, каде што за влез во финале беа потребни 628,5 кругови.