Во својот прв историски настап во Европа, кавадаречки Тиквеш на 11 јули на Арената во Скопје, за ривал во 1.квалификациско коло во ЛК ќе го има силниот Бреидаблик од Исланд. Ова ќе биде прв дуел од двомечот со тимот која лани не дозволи Струга ТЛ да игра групна фаза во Лигата на Конференции.
За тоа какви се шансите на кавадарчани, за “СпортСпорт“ свој коментар има стратегот Ѓорѓи Мојсов.
“Добро знаеме против кого ќе играме, против тимот кој лани ја елиминира Струга ТЛ во плеј – офот во ЛК. Секако дека станува збор за квалитетен тим, лошо е тоа што не чека и далечен пат. Но, јас како и секогаш и сега сум оптимист, верувам дека може да се помине оваа пречка. Првиот меч го играме дома, со поддршка од наште фанови ако успееме да дојдеме до 1:0 или 2:0 мислам дека имаме шанси да се пласираме во следната рунда. Секоја чест за Бреидаблик, но нека знаат Исланѓаните дека нема воопшто да им биде лесно со Тиквеш“ истакна Мојсов.