Се чекаше моментот па да се удри по англиската репрезентација. „Гордиот Албион“ разочара со играта против Данска (1:1), а селекторот Герет Саутгејт кажа во што е проблемот и посочи дека мора во продолжение да се игра подобро.
„Не ја користиме топката како што треба. Мораме да прифатиме дека така повеќе ќе патиме, како што беше случај на овој меч“, објасни Саутгејт.
На прашањето дали им наредил на играчите да стојат блиску до својот голман, тој одговори:
„Не им го кажувам тоа. Игравме против неколку тимови со тројца позади и тешко е да извршите притисок на нив во тие околности. Тоа ни претставуваше проблем, но нас поголем проблем е тоа што не успеваме да ја задржиме топката.
Сакав да го ставам Конор (влезе место Трент Александар Арнолд на почетокот на второто полувреме). Ни требаше свежа енергија и пресинг, а Конор добро го прави тоа. Претходно Трент направи тоа што очекуваме од него. Свесни сме дека немаме замена за Калвин Филипс, затоа пробуваме поинакви работи.
Кејн морав да го извадам затоа што ни требаа свежи нозе. Одлучивме да не претеруваме со него. Знаеме дека имаме многу што да направиме. Ќе ги поминеме деталите и ќе видиме каде грешиме. Знаеме дека луѓето се разочарани и имаат право за тоа. Мораме да бидеме подобри“, посочи англискиот селектор.