Полска – Австрија 1:3 во Берлин. Со овој резултат заврши средбата од второто коло во групата – Д на ова ЕУРО 2024. Убав меч за гледање, впрочем како и сите останати на ова ЕП. Австрија со ова ги освои првите три бода и со тоа е во игра за пласман во следната фаза.
Инаку Австрија поведе уште во 9.минута со голот на Траунер, во тие моменти беше подобра и имаше шанси за зголемување на водството.
Сепак на пауза се замина со 1:1 и тоа откако Полска во втората фаза од првиот дел ја презеде целосна иницијативата и израмни со голот на Пјатек во 30.минута.
Во 60.минута во игра влезе Роберт Левандовски, за првпат на ова ЕУРО, но ни тој не помогна Полска да стори нешто повеќе на оваа средба.
Австрија во 66.минута преку Баумгартнер поведе со 2:1, за да во 78.минута Арнаутовиќ од пенал зголеми на 3:1. До крајот на мечот во Берлин победничкиот тим имаше уште две големи шанси да дојде до поубедлива победа, но сепак на крајот резултатот гласеше 3:1.