Македонската женска ракометна репрезентација не успеа да дојде до посакуваната победа против Исланд, кој максимално ја оправда фаворитската улога. Избраничките на Дарко Јанев имаа одличен старт, поведоа со 8-2, а потоа целосна потфрлија. На крајот беа убедливо совладани со 29-17. Шансата за пласман во главната рунда ќе ја бараат против Ангола.
„Имавме добри први 20 минути во кои игравме добро, потоа се се растури како кула од карти. Бевме безидејни во нападот, одбраната се рашири и почнаа да паѓаат голови во нашата мрежа. Второто полувреме беше исто лошо од сам почеток па до крај, како во одбрана така и во напад. Веројатно ни фалат тие повредените играчи и тоа многу. Дали ракометарките не може да се привикнат на новостите… одиме понатаму, ништо не е завршено. Ни следи Ангола, мислам дека може да се кренеме и да одиме во главната рунда“, изјави Дарко Јанев по мечот.