Белгија славеше со 2:0 во последниот меч од 2. коло во групната фаза на Еуро 2024 против селекцијата на Романија и со тоа се израмни со сите преостанати селекции од групата со по 3 бода во првите две кола. Тоа значи дека третото коло ќе биде исклучително интересно и директните пресметки ќе одлучуваат за патниците во осминафиналето.
Белгија одлично го отвори мечот и уште во втората минута преку Јури Тилеманс успеа да дојде во водство од 1:0 (ВИДЕО). До крајот на полувремето, Белгијците имаа доминација, но не успеаја да ја претворат во зголемено водство.
Од првата минута на второто полувреме, Романија тргна во офанзива. Белгијците чекаа на грешки на средината и добија неколку сериозни контри, но ниту Лукаку, ниту Доку не успеаја да претворат некоја од нив во нов гол. Романците исто така имаа 2-3 сериозни шанси за израмнување, а најубавата ја упропасти Денис Ман кој излезе сам пред голот на Кастелс и не успеа да го совлада.
Казната стигна во 79 . минута кога Де Брујне успеа да погоди по нова грешка на Романија за конечни 2:0 (ВИДЕО).