Вардар се засили со репрезентативец на Холандија

676

Холандскиот репрезентативец Ларс Коиј, кој игра на позицијата пивотмен, ќе биде ново име во екипата на Вардар. Како што потврдија од редовите на „црвено-црните“, тој ќе остане во Скопје најмалку една сезона, со можност за продолжување на соработката.

Тој е првиот Холанѓанец што потпишува за Вардар, и воопшто прв играч што доаѓа во Македонија од оваа земја.  Коиј (23 години, 199 см.) доаѓа од екипата на Хам Вестфален во Германија каде настапуваше претходните две сезони. Претходно има настапувано и за екипата на Тонден во Данска.

Квалитетите на Коиј ги препозна и Флензбург кој го ангажираше овој млад ракометар и две сезони играше за вториот тим (до 19 и до 23 години) и беше шампион на Германија со екипата до 23 години.

Дебито за А селекцијата на Холандија го има во 2020 година против Турција, а беше дел од селекцијата на Холандија која играше на ЕП 2022 и ЕП 2024 година.

„Возбуден сум поради мојот трансфер во РК Вардар. Приклучувањето кон еден ваков престижен и докажан клуб е вистинска чест. Навистина сум возбуден поради можностите и предизвиците што ми претстојат. Сакам да ги покажам своите вештини на друго ниво и да научам повеќе и различни работи за да растам како играч. Нестрплив сум да дадам се од себе на теренот и да имам позитивно влијание и на теренот и надвор од него“, изјави Ларс при потпишувањето на договорот.

ПретходноКукуреља: Не се враќам во Барселона
СледноТаткото на Варга: Операцијата е направена, не знаеме колку ќе биде во болница