Женската ракометна репрезентација на Македонија до 20 години одигра реми 28-28 против силната Португалија на стартот на втората фаза на СП за младинки кое се игра во Скопје.
Селекторот Дарко Јанев е задоволен од прикажаното и посочи дека неговиот избранички можат да победат секого.
„Не може да не бидам задоволен од изданието, девојките треба да знаат дека можат да играат и да се носат со секого, дека таа нивна самодоверба мора да ја кренат, дека вредат многу и тоа треба да го користат на позитивен начин.
Криво ми е што не победивме, ја имавме победата во наши раце, но тие неколку грешки на крајот од мечот го донесоа овој резултат.
Сепак, браво за борбеноста, ама спортот е таков, мора да се игра до крај 60 минути. Можеби ни фалеше и искуство на овој меч, лимитирани сме со играчи и тешко е да издржиш такво темпо цел меч. Дојде до моментот да се одлучува во последните напади, немавме кислород во глава да го дадеме тој решавачки гол кој ќе не ставеше на чекор до четвртфинале. Сепак, ова е знак дека мора да се ценат и можат многу“, изјави Јанев.