Стефан Мелник го потврди својот шаховски потенцијал со висок пласман на Европското првенство во шах за слепи и слабовидни лица

65

 

Членот на ШК Мулти Есенс, Стефан Мелник, со само 16 години настапи на Европското сениорско

првенство за слепи и слабовидни шахисти, кое се одигра во Романија, и се најде на делба на 10.

место, иако на почетокот беше рангиран на 51. место според стартниот рејтинг.

Ова е голем успех за младиот шахист, кој за првпат во својата кариера доби шанса да се

натпреварува на еден континентален собир. Во согласност со правилата на Интернационалната

Брајова шаховска асоцијација (IBCA), право на настап имаа шахисти со визуелен хендикеп, при

што имаше 63 учесници од 22 европски земји.

Стефан започна со изучување на шахот за време на пандемијата на COVID 19, при што

рекреативното играње го замени со изучување на древната игра кон крајот на 2021 година, додека,

пак, на турнири активно настапува од следната година. Оттогаш бележи голем напредок, особено

од есента 2022 година кога станува член на младинската школа на ШК Алкалоид. Веќе во 2023

година победува на квалификацискиот турнир за Државното првенство за слепи и слабовидни

шахисти во Скопје (4,5 поени од 5 партии) и со триумф на полуфиналниот турнир (8 поени од 9

партии) се етаблираше како конкурент за висок пласман на завршниот турнир. Сепак, лани на

првиот настап беше шести меѓу десет финалисти.

Оваа година сезоната ја започна со играње на ЕП во Романија. На турнирот кој се одржа во

Плоешти, близу Букурешт, се одиграа 9 кола, а Стефан освои 5,5 поени. Пласманот е резултат на

посветената работа на полето на шахот и на неговиот шаховски талент. Дополнително,

благодарение на петте победи и на едното реми со шахисти кои имаа повисок рејтинг од неговиот,

тој освои нов 131 поен за својот интернационален рејтинг.

– Со оглед на тоа дека е ова мој прв настап на едно европско првенство, мислам дека можам да

бидам задоволен од постигнатиот успех. На почетокот имав шанси да освојам некој поен повеќе,

како на пример во 6. коло кога, и покрај подобрата позиција, на крајот му честитав на противникот,

кој успеа да ја сврти партијата во своја корист. Со овој настап имав можност да осознаам и како се

подготвуваат другите учесници за ваквите натпреварувања, па така увидов дека има земји како што

се Полска, Шпанија и Германија кои дојдоа со своите целосни репрезентации и со нивните тренери,

па беше забележлива разликата во квалитетот на овие играчи во однос на другите противници.

Благодарение на мојот клуб ШК Алкалоид, јас имав можност да учествувам на Европското

првенство, а притоа имав онлајн поддршка за подготовка на партиите од мојот тренер ВМ Трајко

Недев – вели Стефан.

Тој од оваа година е член на новоформираниот тим ШК Мулти Есенс, кој, исто така, функционира

под спонзорство на компанијата „Алкалоид“ АД и кој летово за првпат ќе се натпреварува во

Втората лига на Македонија.

– Чест ми е што ќе можам да бидам дел од екипата која ќе се бори за пласман во Првата лига, иако

таму одговорноста е сосема поинаква, односно секој играч мора да се подреди на тимските

приоритети. Потоа ме очекува и Државното првенство организирано од Сојузот на слепи и

слабовидни шахисти. И двата турнира се во сениорска конкуренција, но верувам дека ќе бидам

добро подготвен.

 

Фото: Архива на ШК Алкалоид

ПретходноМакедонија против Јужна Кореја ја почнува битка за 13-то место на СП
СледноУрнебесно: Ова е реакцијата на Влаховиќ и Тадиќ кога дознаваат дека нема да бидат стартери! (ВИДЕО)