По поразот од Кина, младинската ракометна репрезентација на Македонија заврши на 16 место во конечниот пласман на женското СП. Селекторот Дарко Јанев беше раочаран што не го завршија турнирот со победа.
„Сакавме со победа да го завршиме првенството, но за жал тоа не ни појде од рака. Имавме денеска и дополнителни пехови, ни се повредија уште две ракометарки.
Сепак, одбраната денеска не беше лоша особено во првиот дел, но во нападот, во второто полувреме ја загубивме енергијата, концентрацијата, не можевме да го исполниме тоа што го сакавме и направивме грешки што тие ги казнија со лесни голови.
Не сакам да се повторувам, мораше да се издржи напорот и физички и психолошки да одиграме до крај. Ние паднавме по ремито со Португалија и поразот од Црна Гора, не одигравме до крај како што требаше и посакувавме“, изјави Јанев.