Македонскиот олимписки комитет денеска потврди дека со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната Џудо Федерација, врз основа на постигнатите резултати и постоечките правила, најдобриот македонски џудист, Еди Шерифовски (категорија – 81 кг.) ќе учествува на Олимписките игри Париз 2024.
Со ова продолжува трендот на континуирано учество на македонските џудисти и џудистки, имајќи во предвид дека ова се трети Олимписки игри по ред на кои учествуваат најдобрите македонски спортисти и спортистки во џудо. Претходно Катерина Николовска беше во Рио 2016, а Арбреша Реџепи настапи на Игрите во Токио.
„Пресреќен сум, ова е награда за сето она што го работевме досега. Се надевам дека на најдобар начин ќе ја претставам Македонија во Париз“, изјави Шерифовски.