Зад македонската младинска селекција се одработени скоро две третини од планираните активности пред она што следува, настапот на Европското првенство од Дивизијата „А“ кое ќе се игра овој месец во Полска.
Вклучително и уште две одиграни контролни средби за време на викендот во кој тимот кој го предводи селекторот Боро Смилковски заврши со два позитивни резултати во одмерувањето на силите со селекцијата на Словачка.
„Напорно работиме веќе дваесетина дена на физичко и техничко-тактички план, затворивме еден мини-циклус на подготовки во кои успешно ја подигнавме физичката спремност кај играчите и ги поставивме принципите на нашиот систем.
Натпреварите со Црна Гора можеби дојдоа прерано, но истите ни беа одлична можност за да креираме некоја слика за нас и рамки во кои треба да се движиме. Од друга страна, натпреварите со Словачка на кои забележавме две победи ни дадоа една различна слика за тоа што досега имаме сработено.
Додека на првата контрола пред домашната публика бевме некако пренервозни и имавме проблем со тактичка реализација на моменти и недисциплина, ми се чини дека вториот натпревар ни даде една поинаква слика, стандард како треба да изгледа натпревар во националниот дрес и можам да кажам дека сум задоволен од прикажаното, а имајќи в предвид дека нė мачат и одредени повреди кај дел од играчите, и фактот дека настапивме ослабени, со 11. играчи во ростер без неколку стандардни во ротацијата“ – гласи мини-анализата на досега сработеното на Смилковски.
Во деновите кои се пред нас следува и онаа завршна фаза од подготовките во која се вклучени уште два контролни натпревари:
„Нė очекуваат уште десетина дена од периодот на подготовките, и уште два контролни натпревари против комбинирана колеџ-селекција од САД, како и натпреварот со Швајцарија во сабота. Со еден сериозен пристап и со надеж дека со комплетен состав ќе патуваме за Полска, да го дадеме нашиот максимум за Маледонија во обидот да избориме опстанок во ‘А’ дивизијата, одговорност што ја носиме за идните генерации“– дополнува селекторот на репрезентацијата „Под 20“ години.