Штип УГД ќе биде македонски претставник во Балканскиот куп

60

Освојувачот на Купот на Македонија во одбојка, екипата на Штип УГД најверојатно ќе биде македонски претставник во Балканскиот куп во организација на Балканската одбојкарска асоцијација. Штипјани со освојувањето на Купот и пласманот во финалето на плеј-офот изборија можност за учество и во европските купови, но со оглед на неискуството, сакаат во првата сезона, сепак, да ги пробаат силите со дел од најдобрите балкански клубови.

„Размислувавме долго дали е добро да се пријавиме во Купот на ЦЕВ, но сепак, мислиме дека во оваа прва година е можеби подобро да одиграме во Балканскиот куп. Се уште ја составуваме екипата за следната сезона, со оглед на тоа што со странците со исклучок на Задмард ја завршивме соработката, па сега се разговара со нови потенцијални странски засилувања за следната сезона. Балканскиот Куп е силно натпреварување кое може да ни биде од голема полза“, смета тренерот на штипјани, Кристиан Ристески.

Минатата година Балканскиот куп се одржа во октомври во Бурса, Турција, а македонски претставник беше екипата на универзитет во Тетово.

ПретходноМакедонскиот репрезентативец следната сезона ќе игра за Валенсија
СледноАнгличаните пласманот во четвртфиналето го прославија со концерт на Ед Ширан (ВИДЕО)