Најдобриот англиски судија Ентони Тејлор ќе биде главен судија на четвртфиналниот натпревар на Европското првенство меѓу Шпанија и Германија, соопшти денеска Европската фудбалска унија (УЕФА).
На Тејлор ќе му помагаат сонародниците Гари Бесвик и Адам Нун, додека УЕФА за четврти судија го назначи Словакот Иван Кружљак .
Во ВАР собата ќе бидат Англичанецот Стјуарт Атвел , Полјакот Бартош Франковски и Масимилијано Ирати од Италија.
„Европската класика“ ќе се одигра во петок од 18:00 часот на стадионот во Штутгарт.
Англичанец ќе биде на центарот и на вториот петочен четврфинален меч. Имено, пресметката меѓу Португалија и Франција ќе ја суди Мајкл Оливер. Негови асистенти се Стјуарт Бурт и Дан Кук, додека како четврти судија е назначен Шимон Марчинјак од Полска. Во ВАР собата ќе раководи Холанѓанецот Пол ван Бекел.
Дуелот Португалија – Франција е закажан во петок од 21 часот на стадионот во Хамбург.