Вардар и официјално стартуваше со подготовките за новата сезона. „Црвено-црните“ под водство на Горазд Михаилов гледаат со голем оптимизам кон предизвиците, особено кога зад нив се новите спонзори и сопственици.
„Морам да гледам оптимистички, ќе гледам и понатаму,затоа што сите знаеме што е Вардар. Знаеме каква сезона имавме и за што се изборивме, голема благодарност за „Комитите“ и за народот кој не поддржуваше во тие моменти. Почнавме со подготовки, можеби малку доцниме, меѓутоа за се што се сака и се може никогаш не е доцна. Битно е да се има желба. Во текот на периодот ќе се доекипираме. Имаме нови спонзори и сопственици, мислам дека ќе биде добра работата, заедно со нив и „Комитите“ и сите што го сакаат Вардар ќе успееме да го вратиме клубот на местото каде што припаѓа – на самиот врв.
Не шпекулираме со имиња, како ќе течат разговорите ќе информираме. Сите шпекулации ги отфрламе. Тука е само Филип Најдоски. Имаме желби и листа, во преговори сме со повеќе играчи и верувам дека ќе направиме респектабилен тим кој ќе игра за високи дострели. Ни недостасуваат седум до осум нови играчи, за да има конкуренција на секоја позиција. Тоа е моја пракса од минатото, низ сите клубови кои работев во минатото. Во тимот го имаме и Дарко Мицевски кој се врати од повредата и кој ќе ни биде од голема помош. Нашата цел со Вардар секогаш е највисока“, изјави Горазд Михаилов на првиот тренинг.