Дарко Мицевски после седум месеци по повредата се враќа на терените. На првиот собир не ја криеше радоста дека зад Вардар ќе застане нов спонзор, кој ќе го донесат тимот на вистинските патеки и заедно сите ќе градат светла иднина. Според него секогаш кога се игра за Вардар целите и очекувањата се високи, но како што вели ќе одат од меч во меч, а во меѓувреме прва цел е да се екипра составот, а потоа се ќе дојде по ред.
„Иако стартуваме подоцна со подготовките, се надевам дека ќе направиме се за новата сезона. Како што сите знаете, Вардар има нов спонзор, околу деталите уште не сме запознаени. Ќе чекаме да се обелоденат. Но, веруваме дека ќе биде за доброто на Вардар, затоа што луѓето кои го водат Вардар секогаш работат за доброто на клубот. Кога работите се добри во Вардар, секогаш се цели на највисоко. Но, не би сакал пред сезоната да давам најави. Прво мора да се екипираме, да се погодат засилувањата и да одиме од натпревар во натпревар. Моја лична амбиција, а и на клубот се највисоки, без разлика дали е лигашка титула, Европа или Куп-титула. Вардар цели на највисоко секогаш“, изјави Мицевски и додаде:
„Минаа шест до седум месеци од повредата. Ја минав рехабилитацијата со добри луѓе што разбираат, би ги поздравил Милан Стошиќ и Петар Баснарков кои се грижеа за мојата рехабилитација. Мислам дека уште долги години ќе бидам тука за Вардар, се додека му требам на клубот“.