Украинската атлетичарка Јарослава Махучих постави нов светски рекорд во скок во височина на митингот од Дијамантската лига во Париз.
Актуелната светска шампионка во оваа дисциплина прекокна 2,10 метри, со што го подобри за еден сантиметар 37-годишниот рекорд на Бугарката Стефка Костадинова, поставен во август 1987 година на Светското првенство во Рим.
До денеска Махучих имаше личен рекорд од 2,05 метри, а во Париз најпрво ја прескокна летвичката на 2,07 метри, а потоа и на 2,10 метри.
Во последните три и пол децении најблиску до Костадинова беше хрватската шампионка Бланка Влашиќ, чиј најдобар резултат во кариерата остана 2,08 метри, со што сега е трета на вечната листа.
Рекордот на Костадинова беше четврти најстар рекорд во конкуренција на атлетичарки.










