По вчерашната обнова на договорите со браќата Дамјан и Војдан Стојановски, денеска МЗТ Скопје го промовираше првото странско засилување за следната сезона – Американецот Брандон Слај (27 год, 178 см).
Станува збор за искусен бек-шутер со петгодишно европско искуство и двоцифрен поентерски просек во секоја од екипите за кои настапувал. Тој добро ги знае приликите во регонот, со оглед што минатата сезона ја мина во дресот на Подгорица, која ни беше противник во АБА2-лигата, каде што реализираше по речиси 15 поени. Слај претходно одигра две години во Грузија во екипите на Вера и Тбилиси, а потоа беше дел од романскиот тим Таргу Жиу и фински КТП баскет.
Актуелен договор со МЗТ Скопје Аеродром имаат Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ, додека во следниот период ќе информираме за дополнителните засилувања меѓу кои ќе бидат квалитетни Македонци и уште неколку одлични интернационалци.