Вечерва во Дортмунд во рамките на второто полуфинале на ЕП 2024, селекциите на Холандија и Англија ќе се борат за второто слободно место во мечот за европската титула. Холандија е репрезентација која според играта покажа многу повеќе од Англија во досегашниот дел од турнирот, па неутралните навивачи дефинитивно би сакале да ја видат во финалето на ова Европско првенство.
Роналд Куман и неговите избраници не ја напуштија својата традиционална фудбалска филозофија за гол-повеќе, поради што „портокаловите“ приредија многу интересни и ефективни настапи со својот напаѓачки потенцијал.
Репрезентацијата на Холандија во елиминациите влезе откако едвај ја мина таканаречената „група на смртта“ со Австрија, Франција и Полска. Веќе во фазата на плеј-офот „портокаловите“ лесно се справија со Романија, а против Турција предводена од Винченцо Монтела, имаа сериозен испит на патот до полуфиналето.
Англија можеше лесно да биде елиминирана во минатите две рунди на дуелите со Словачка и Швајцарија, но избраниците на Герет Саутгејт наоѓаа сили и се спасуваа во последен момент. За разлика од нивните денешни противници, тимот на Саутгејт не беше ни блиску до својот вистински потенцијал со ѕвездите на тековното Европско првенство. Затоа, ако денеска не променат нешто од играта, може лесно да завршат како вчера Франција против Шпанија во првото полуфинале.
ВЕРОЈАТНИ СОСТАВИ
ХОЛАНДИЈА: Вербруген — Думфрис, Де Врај, ван Дијк, Аке — Шутен, Рејндерс — Бергвајн, Чави Симонс, Гакпо – Депај
АНГЛИЈА: Пикфорд – Вокер, Стоунс, Геи – Сака, Мајно, Рајс, Трипие – Фоден, Белингем – Кејн