Во израмнет натпревар без многу шанси, фудбалерите на Шкендија на крајот заминаа поразени од гостувањето во Ереван на мечот со Ноа во 1. квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА. Ерменскиот претставник со голови во завршните 10-тина минути на крајот славеше со високи 2:0 и со пристојна предност ќе допатува во Скопје на реваншот следната недела.
Во најголемиот дел од натпреварот видовме израмнета борба, без многу отворени прилики за погодок. Шкендија се обидуваше да ги неутрализира обидите на домашните за притисок пред голот на Талески и се фунционираше добро до корнерот во 81. минута.
Домашните изведоа корнер од левата страна, топката беше префрлена со глава на втора статива, каде ниту еден фудбалер на тетовските „црно-црвени“ не втрча да го изблокира домашниот фудбалер Грегорио, кој непречено со глава ја смести топката во голот на Талески и обезбеди водство од 1:0.
Идентична ситуација видовме и во 90. минута од регуларниот дел. Повторно корнер од лево, повторно уфрлување во петерецот на Талески и повторно лоша реакција на одбраната на Шкендија. Миљковиќ биеше со глава и се чини топката ја мина гол линијата, по што од далечина вториот гол беше само потврден за високи 2:0 за Ерменците.
Реваншот во Скопје е на програмата следниот четврток од 20 часот.