Фантастичен Тиквеш, од 0:2 до 3:2 и победа на своето европско деби! (ВИДЕО)

1141

Уф, каков фантастичен Тиквеш кој од 0:2 до таа 74.минута успеа да дојде до победа од 3:2 во своето деби во фудбалска Европа во првиот меч од 1.квалификациско коло во ЛК. Победа над Бреидаблик, тим кој лани ја елиминира Струга ТЛ. Инаку ако се знае што се случуваше во првото полувреме, оваа победа требаше да биде и поубедлива, но и вака е супер ако се знае дека беше 0:2 за тимот од Исланд.

Инаку мечот почна со шансата за Тиквеш уште во 37.секунда, но Ѓорѓиев не успеа шутот со глава да го смести во мрежата на гостите. Во 7.минута контра на Тиквеш, Спахиу убаво го проигра осамениот Стојкоски, а овој крајно непрезицизно шутираше над голот. Само три минути подоцна Ѓорѓиев исто со глава шутираше од супер ситуација, но само во голманот на Бреидаблик.

И тогаш дојде казната. Бреидаблик во 13.минута откако В.Еинарсон се најде сам пред Тасев и погоди за 0:1. Тиквеш не престануваше со промашување на шансите, имено Спахиу во 28.минута исто така можеше и мораше да погоди, но ете не успеа.

 

Затоа Бреидаблик во 30.минута постигна уште еден гол за 0:2, и тоа преку Кристиансон. Тој гол како да ги “пресече“ кавадарчани кои до крајот на првиот дел не успеаја ништо да направат,па така на пауза се замина со 0:2.

 

„ЛОЗАРИ“ ВЛЕГОА НА АРЕНА ВО ВТОРОТО ПОЛУВРЕМЕ, СУПЕР ПРЕСВРТ НА ТИКВЕШ

Интересно е тоа што навивачката група на Тиквеш, “Лозарите“,околу 500 на број се појавија на Арената на почетокот од второто полувреме, па така тие ја загреаја атмосферата, барем малку. Во 49.минута Спахиу имаше голема шанса по корнерот на Стојкоски, но пак ништо.

Во 57.минута и Стојанов опасно се закани,но пак нема гол и нема за Тиквеш. Штета. На другата страна Бреидаблик во два наврати имаше шанса да зголеми на 0:3, но сепак останаа тие 0:2.

И конечно гол, историски, прв во Европа за Тиквеш и тоа преку Стојокоски во таа 74.минута. Браво за овој гол, конечно.

 

И тоа не е се . Стојанов со фантастичен гол од слободен удар израмни на 2:2. Сега полесно се дише. Да, да и тука не е крај.

 

Лео Гуера во 83.минута со гол за 3:2, уф, каков супер резултат.

Голема, важна победа која долго ќе се раскажува.

 


 

1.квалификациско коло во ЛК (прв натпревар)

ТИКВЕШ – БРЕИДАБЛИК 3:2 (0:2)

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Џереми Милер (Луксембург). Стрелци: Стојкоски 74.,Стојанов 79., Лео Гуера 83. (ТИК) В.Еинарсон 13., А.Кристиансон 30. (БРЕ).

ТИКВЕШ: Тасев, Вареловски, Мојсов, Стоименовски (46.Лео Гуера), Маневски (78.Михаилов), Тодоров (46. Спиркоски), Робертињо (66. Манасиевски), Спахиу, Стојковски, Стојанов, Ѓорѓиев (46. Витао)

БРЕИДАБЛИК: А. Еинарсон, Јеоман(62. Стеинардсон), Маргеирсон, Муминовиќ, Гунлаугсон, В.Еинарсон, Сигурјонсон (62. Сигурдарсон), А.Јонсон, К.Кристиансон (62.Јоханесен), Торвалдсон, А. Бјарнасон.

ПретходноНаполи добил понуда од 200 милиони евра за двоецот Осимен – Квича
СледноМојсов: Тиквеш покажа само 50% од своите можности, одиме на Исланд да победиме!