Македонската јуниорска репрезентација која ќе биде дел од ЕП од Дивизијата „Б“ (26. јули до 4.август во Скопје) ќе одигра нови контролни натпревари.
Зад стручниот тим предводен од Горан Андреевски и играчите се веќе две контролни средби, против соодветната селекција на Црна Гора.
„По првите десетина дена од подготовките, двата натпревари со Црна Гора ни беа одлична можност да видиме на кое ниво се нашите играчи. Дадовме шанса на сите 16 играчи. Првиот натпревар го изигравме храбро, со голема агресивност во одбраната и брза транзиција во нападот. Онака како што и се договоривме пред натпреварот. Во вториот натпревар се чуствуваше замор кај играчите, а освен тоа, имавме многу лоша реализација во шутот. Доцневме во ротација во одбраната, а Црногорците се тоа тоа го казнија. И покрај тоа што имавме повеќе асистенции и украдени топки, но и помалку загубени топки од противникот изгубивме убедливо, со 18 поени. Треба да се земе в предвид и тоа дека на втората проверка Чадамов и Стојковиќ играа само со еден одработен тренинг поради претходни повреди“ – анализира Андреевски.
По неполна недела на тренинзи во СРЦ „Кале“, следуваат нови проверки на сработеното. Во наредниот период од подготовките во планот на подготовките се постави и два натпревари, на гостински терен. Денеска кошаркарите паутваат за Крајова, каде на 2.јули (од 18 часот, по локално време), и еден ден подоцна, на 13.јули (во исто време) следуваат мечеви против репрезентацијата на Романија.
„Останува да се фокусираме во отстранување на грешките во одбраната и да го дигнеме моралот кај играчите. Ни следи двомеч со селекцијата на Романија во деновите кои следуваат, и во Крајова очекувам подобрување во играта. Макар што на овие две наредни проверки не можеме да сметаме на Марко Луканоски кој во меѓувреме се приклучи на репрезентацијата ‘Под 20’ години која патува на ЕП во Полска, што секако е голем хендикеп за нас“ – додава селекторот на јуниорите пред тргнувањето за Романија.