Денеска од 18 часот во Абовјан (Ерменија), Шкендија ја започнува својата нова европска авантура. Противник ќе биде силниот состав на Ноа, пребогат со квалитетни домашни играчи, има и дел кои некогаш настапуваа за Вардар, а тука е и Ералдо Чинари кој до пред некоја недела го носеше дресот на Шкендија.
Ова ќе биде прв меч од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции и победникот од овој двомеч за ривал во следната квалификациска рунда ќе го има тимот на Слиема од Малта.
Да се надеваме дека тоа ќе биде тетовска Шкендија.
Инаку Шкендија во изминатата деценија постојано игра во фудбалска Европа, како клуб има големо искуство, дури трипати играше плеј – оф за пласман во групната фаза во Лигата на Европа, но тоа беа некои други времиња.
Сега Шкендија и покрај тоа што беше носител при ждрепката, за ривал доби навистина силен противник. Од друга страна Шкендија си е Шкендија, без разлика кој игра и против кого се игра, како етаблиран клуб, и затоа мора да се оди на добар резултат. Целта е јасна, ова лето да се стигне што подалеку во овие квалификации.
Во врска со тимот, откако беше одржан синоќа последниот тренинг во Абовјан, тренерот Јетон Беќири нема да може да смета на неколку свои играчи. Зија Мерџани се повреди, додека Енур Тотре и Камер Ќака и покрај здравствените проблеми веројатно ќе бидат во комбинација. Од пред неколку дена се знаеше дека за ова гостување тренерот Беќири нема да може да смета на новаците Алхасан и Бамба.
Мечот започнува во 18 часот, ќе има ТВ пренос на МТВ а судија ќе биде Виктор Шимушик од Белорусија.