Женската фудбалска репрезентација на Македонија денеска (19 ч.) на теренот на ФФМ ја пречекува селекцијата на Летонија, во рамките на претпоследното коло во групата 2 од Лигата Ц, од квалификациите за пласман на Европското првенство кое 2025 година ќе се одржи во Швајцарија.
Нашата репрезентација има императив победа, со која би остварила историски резултат и би го потврдиле второто место во групата кое носи пласман во баражот од квалификаците.
Селекторот Александар Андов и пред дуелот денеска со позитивен став и покрај тоа што селекцијата ќе биде некомплетна.
„Како што кажав и на самиот почеток, по моето назначување за селектор на репрезентацијата, реков дека потребно е време за да тргнат работите на подобро, чекор по чекор и со многу труд успеавме да се подобриме на сите полиња, а потврда за тоа се последните позитивни резултати што ги оствари оваа репрезентација. Се наоѓаме пред историски можност, женската репрезентација на Македонија во досегашната историја никогаш не била во можност да се бори за ваков висок пласман. Имаме можност да испишеме историја, верувам дека ќе успееме да оствариме победа. Ја немаме на располагање Гентијана Рочи, која со својот квалитет и искуство претставува многу битен член на репрезентација. Но не смееме да зависиме и да се ослониме само на еден човек. Кажав дека сите фудбалерки се битни и утре ќе имаат можност да го докажат тоа”, вели Андов.
Покрај овој меч, Македонија ќе има уште еден меч во овие квалификации на гостински терен со Словенија.