Македонската младинска ракометна репрезентација против Австрија одигра без победник (20-20) на последниот меч од групната фаза. Овој резултат не им оди во прилог на нашите ракометари, кои ќе играат за пласман од 9-16-место.
Голема штета за Македонија, особено ако се земе во предвид дека имаше напад за победа, водеше со плус три во 48-та минута и најважно го имаше расположениот Галевски, кој запиша 15 одбрани.
Прв стрелец беше Узунчев со осум гола од десет обиди, зад него беше Белистојановски со пет погодоци од десет обиди.
Притисокот си го стори своето, Македонија постигна еден гол во 11 минути, Димитар Узунчев реализираше пенал на самиот старт. Австрија поведе со 4-1, предноста ќе беше поголема, но Галевски успеа да запише две одбрани во овој период. Избраниците на Раде Стојановиќ имаа четири технички грешки, но и голманот на Австрија беше расположен.
Белистојановски конечно го пекина молкот во нашите радови, по нова одбрана на Галевски, истиот ракометар намали на 4-3 во 13-та минута. Митев заработи двеминути исклучување, а противникот зголеми на 5-3 на средината на првото полувреме.
Галевски ја запиша четвртат одбрана, Шулески намали на 5-4. Неколку минути подоцна Димитар Узунчев и Шулески израмнија на 6-6 во 18-та минута. Противникот со мини серија од 3-0 за дојде на 9-6 во 22-та минута, а откако остана со двајца играчи помалку, Македонија на крилата на Белистојановски и Димитар Узунчев израмни на 9-9, две нови одбрани имаше Галевски. Брестовац одбрани пенал, но Македонија по нереализираниот напад прими гол на празна мрежа за 10-9. Карасманакис поради црвен картон мечот го заврши во првото полувреме. На одморот беше 11-10.
Во 35-та минута, Македонија дојде до првото водство на натпреварот, стрелец на голот за 12-13 беше Михајловиќ. Во овој период Галевски повторно беше на вистинското место, запиша две одбрани. Дамјан Митев не успеа да реализира од седум метри за плус два. Галевски продолжи да блеска на голот, фати седмерец, но „црвено-жолтите“ не го искористија тоа, па противникот израмни на 14-14 на стартот на 40-та минута. Се редеа грешки на двете страни, ракометарите конечно дојдоа на плус три (14-17) во 48 минута, штета што не се крунисуваа сите одбрани на Галевски.
Во 51-та минута Австрија успеа да го врати водството 18-17. Узунчев реализираше седум метри за 18-18 во 53 минута, Галевски ја запиша 14-та интервенција, а Македонија имаше напад за водство со играч повеќе, Митев искористи за 18-19. „Црвено-жолтите“ не реализираа за плус два, Австрија израмни на 19-19 за неизвесност до самиот крај.
По промашувањето, Австрија дојде на плус еден 20-19, остаа две минути во кои Шулески израмни 20-20, Галевски фати нов зицер. 59-та минута ја почнавме со напад за водство. Стојановиќ повика тајм-аут, но неговите момци не се снајдоа. На крајот остана горчината на ремито.