Младата ракометна репрезентација на Македонија за играчи до 20 години избори настап на уште едно големо натпреварување. Македонија ќе игра на СП У21 што следната година ќе се одржи во Полска, благодарение на остварениот пласман на тековното М20 ЕХФ Еуро.
Овој шампионат е квалификациски за СП У21, а учество се обезбедува според пласманот. Европа на следниот мундијал ќе добие 16 места (домаќин, 4 загарантирани и 11 заработени според пласманот на европските репрезентации на претходното СП 2023).
Домаќинот на СП е Полска, а таа денеска славеше убедлива победа над Украина и стана најдобрата третопласирана репрезентација од групите Д, Е и Ф. Тоа, пак, значи дека Полска ќе игра во Средна Рунда и ќе биде пласирана од 9-16 место, а на СП ќе патуваат сите други 15 репрезентации (Главна рунда и Средна рунда).
Македонија е во исчекување да не се случи чудо на мечот меѓу Португалија и Германија. Ако такво нешто нема, тогаш ќе игра за пласман од 9-16 место и без разлика на резултатите, ќе се пласира на СП.