Манчестер Јунајтед одлучи да го задржи 36-годишниот централен бек Џони Еванс до летото 2025 година, соопштија од клубот.
„Се радувам што ќе останам во Јунајтед за уште една сезона. За мене беше голема чест кога минатата сезона се вратив во клубот. Победата во ФА Купот беше незаборавно доживување. Знам дека во новата сезона можеме да бидеме поуспешни“, кажа Еванс.
Еванс беше во младинската школа на Јунајтед од 2004 до 2006, потоа и во првиот тим до 2015 година. Потоа играше за ВБА и Лестер Сити, а во 2023 година се врати во Јунајтед.
Во меѓувреме 19-годишниот дефанзивец Вили Камбвала Нденгуши одбил да го продолжи договорот и ќе се пресели во Виљареал.