Двете одбојкарски селекции денеска во Маврово почнуваат со подготовки за евро-квалификациите

136

Машката и женската одбојкарска репрезентација на Македонија во сениорска конкуренција, денеска попладне во маврово ги започнуваат подготовките за августовските квалификации за ЕП 2026. Под водство на селекторите Хари Наковски (мажи) и Стефан Пауновиќ (жени), селекциите ќе ги поминат првите базични подготовки во Маврово, каде треба да останат до 26 јули.

Според планот на подготовките до првите августовски квалификациски дуели, машката селекција по фазата во Маврово на 26 јули заминува во Црна Гора каде во перидот до 29 јули ќе одигра две контролни средба со тамошната селекција. Избраниците на Хари Наковски ќе имаат простор за проверка на силите и со селекцијата на Швајцарија со која се закажани две контролни средби од 2 до 4 август, исто така на гостински терен.

Машката репрезентација на патот кон ново учество на европските шампионати тргнува на 17 август со гостински дуел против Грузија.

Одбојкарките во Маврово остануваат до 26 јули, по што комплетната фаза на подготовки ќе ја продолжат во Крушево. Во тој период е предвидено да бидат одиграни и најмалку две контроли со репрезентацијата на Косово.

Нашиот женски национален тим првиот квалификациски меч за следното ЕП ќе го одигра на 17 август на домашен терен против селекцијата на Австрија.

ПретходноВардар закажа пет пријателски, денеска прв тест со словенечка Мура
СледноШпанија и Аргентина следното лето во меѓусебна битка на „Финалисима 2025“