Македонската младинска репрезентација со победа ја отвори средната рунда на Европското првенство кое се одржува во Словенија. Во битката за пласман од 9-16 место, нашите ракометари ја совладаа Полска со 28-26 (15-14). Следен противник е селекцијата на Романија, мечот се игра утре, исто во 12 часот.
Галевски имаше пет одбрани, Брестовац четири (една од седум метри). Узунчев имаше четири погодоци исто колку и Калајџиески, кој беше прогласен за МВП на мечот.
Во првите 11 минути Македонија поведе со 6-2, откако претходно Полска отвори со 2-0. Противникот по тајм-аутот врати со два гола за 6-4 во 13-та минута, ги казни двете технички грешки на „црвено-жолтите“. Калајџиески го прекина налетот (7-4), се играше брз ракомет на двете страни. На средината на првото полувреме избраницте на Раде Стојановиќ не искористија два напади да поведат со плус четири. Полска постојано притискаше, на стартот на 20-та минута намали на 10-9, а Македонија остана со играч помалку. Нашите ракометари не успеаја да ја стабилизираат играта, му дозволија на противникот целосно да се врати во мечот и да израмни на 11-11 на шест минути до крајот на првиот дел, а потоа и поведе после долго време (13-14). Субашевски и Димевски вратија за плус еден 15-14 на одморот.
Со двата гола на Узунчев и Митев, Македонија на стартот на второто полувреме ја врати предноста од три гола (17-14), а потоа на средината на овој период, дојде на плус пет 23-18, период во кој противникот имаше играч помалку, а Брестовац запиша три важни одбрани. Нашите момци не застанаа тука, трпеливо го зголемуваа водството, кое порасна на плус шест (26-20), а можеше да биде и поубедливо.
Иако не блескаа во финишот, младинците успеаја да ја сочуваат предноста и да дојдат до важна победа.