Шаховскиот клуб „Мулти Есенс“ е нов член на Првата шаховска лига во Македонија откако на одиграниот екипен турнир во Струга, меѓу екипите од Втората лига, по 9 кола го зазеде второто место.
Турнирот се играше според Бергеровиот систем, а во своите девет настапи екипата немаше ниту еден пораз, односно забележа скор од седум победи и две нерешени средби, со што вкупно освои 16 бода.
Минимално подобар резултат имаше ШК Нов напредок од Штип, кој финишираше на првата позиција со осум победи и со една нерешена средба (токму со ШК Мулти Есенс). Овие две екипи се новите прволигаши во шах.
Во текот на првенството ШК Кочани беше достоен ривал за втората позиција, но во директниот дуел одигран во претпоследното 8. коло ШК Мулти Есенс извојува победа со 4,5 : 1,5 и го визираше својот билет за елитната дивизија.
Во конечниот пласман, зад ШК Нов напредок и ШК Мулти Есенс се најдоа МШК Центар со 13, ШК Кочани со 12, ШК Карпош со 10, ШК 7 Ноември со 8, ШК Ласкер со 5, ЖШК Прилеп со 5, ШК Шах Шех со 2 и ШК Шкендија со 2 бода.
„Со оглед на тоа што е ова штотуку регистриран, млад клуб кој има цел да ги задржи младите шахисти од школата на ШК Алкалоид, почнавме преку квалификациите со пласман во Втората лига, а сега продолжуваме со пласман во Првата лига. Целосно сум задоволен од залагањето на сите играчи. Некои од нив демонстрираа подобра форма во квалификациите одиграни пролетта, а некои во овие натпревари. Би рекол дека е тоа нормално, станува збор за екипен настап, но успеавме да не изгубиме ниту еден меч и со две нерешени средби завршивме на второто место, кое го сметам за одличен резултат“, изјави капитенот ВМ Трајко Недев.
Осврнувајќи се на искуствата од настапот во Втората лига, велемајсторот Недев го издвојува справувањето со стресот во случаите кога требало да се прекрши резултатот во корист на тимот.
„Бидејќи е ова нов тим, имаме мал број членови, но се надевам дека тој број ќе се зголеми и дека ќе имаме поголем фонд на играчи. Тренерите во школата на ШК Алкалоид во континуитет работат во текот на годината со младите категории и, притоа, оние младински шампиони кои со своето залагање, рејтинг и со своите титули ќе се покажат во најдобро светло ќе се најдат во екипата. Квалитетот на оваа екипа допрва ќе треба да се покаже. Играчите немаат доволно искуство, тоа се покажа и во текот на лигата кога имаше тешкотии да се добијат некои тесни дуели, но би рекол дека беше плус да се почувствува стрес во моментите кога се решаваа мечевите и да се има контрола на другите табли. Тоа е едно искуство кое е добро за играчите, па се надевам дека со годините ќе станат сѐ подобри.
Иако мечевите од Втората лига завршија, визиите за натамошен развој на клубот се веќе во оптек, па ВМ Недев очекува дека претстојната година ќе биде исполнета со дополнителни подготовки.
„Секако дека Првата лига е посложена. Временската разлика од една година е доволна, но сѐ ќе зависи од нивната самостојна работа. Клубот ги поддржува со тренерска работа, но треба да се играат и турнири преку годината за играчите да ги зголемат својата шаховска сила и својот рејтинг. Мислам дека клубот ќе застане зад нив обезбедувајќи зголемен фонд на часови, а се надевам дека ќе бидат вклучени и неколку кампови“.
Во согласност со пропозициите, на првите две табли за ШК Мулти Есенс настапуваа младите велемајстори Лука Драшковиќ (2.492) од Црна Гора и Лука Будисављевиќ (2.478) од Србија, додека, пак, седуммина млади шахисти од школата на ШК Алкалоид играа од третата до шестата табла: Теодор Јовановски (2.112), Стојан Велкоски (2.070), Матео Ефтовски (2.005), Андреј Иванов (1.905), Стефан Мелник (1.874), Дино Табаковски (1.852) и Кирил Николовски (1.842). Иако, во целина, тимскиот резултат беше најважен, на овој турнир блескаа играчите на првата, втората и на петтата табла, односно Драшковиќ и Будисављевиќ освоија 8, односно 8,5 поени од 9 партии, додека, пак, Ефтовски им се приклучи со 8 поени од 9 меча, играјќи многу солиден турнир, без ниту еден пораз.
Фото: Архива на ШК Мулти Есенс